English

 

 

Согласно член 67 од законот за здравствено осигурување, Фондот за здравствено осигурување доставува годишен извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2009 година до Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Македонија. Годишниот извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2009 е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондот.

Како најзначајни податоци од Годишниот извештај на ФЗОМ за 2009 година, а значајни за информирање на Владата на Република Македонија би ги истакнале следните:

·         Приходите на ФЗОМ во 2009 година во однос на 2008 година бележат намалување од 3,47%, а позначајни намалувања на поединечните ставки се:

o   намалувањето на приходите од придонеси од бруто плати за 3,47%

o   намалување на трансферите од други нивоа на власт за 6,07%,

o   намалување на приходот од партиципација за 20,3%

·         Кај одредени расходи се забележуваат одредени нагoрни движења во однос на 2008 година а тоа се:

o   зголемување на расходите за надоместоци за боледување за 12.85% и за породилно отсуство за 27,22%. А со тоа намалување на просторот од Буџетот на ФЗОМ да се финансираат здравствени услуги (од 89,81% од вкупниот Буџет во 2008 година, на 88,39% во 2009 година). Бројот на доделените права за боледување и породилно отсуство се зголемени од 25.090 доделени права во 2008 година на 26.668 доделени права во 2009 година или зголемување за околу 6,3% .

o   зголемување на расходите за лекување во странство за 36,71%

o   зголемување на расходите за ортопедски помагала за 14,77%

·         Буџетот со кој располагаше ФЗОМ во 2009 година изнесува 19.165.097 денари што во однос на БДП изнесува 4,71%, што претставува намалување во однос на процентот од 2008 година за 0,22 процентни поени. Овој процент во Словенија изнесува 7% од БДП, а додека во Хрватска изнесува 8% во однос на БДП што претставува и препорачан процент за издвојување на средства за здравство од страна на Европската Унија.

·         Континуиран пораст на здравствените установи во примарна и специјалистичко консултативната здравствена заштита кои имаат склучено договор со ФЗОМ, од 1532 договори во 2006 година на 2.669 договори во 2009 година (што претставува раситнување на здравствениот систем, неможност со постојниот капацитет ФЗОМ редовно да се извршува контролната функција и зголемен обем административна работа во рамките на ФЗОМ).

·         Предвидениот број на ин-витро  услуги во 2009 година е зголемен во однос на 2008 година за 21%.

 

Во однос на податоците од работењето на јавните здравствени институции во 2009 година а кои се содржани во годишниот извештај на ФЗОМ би издвоиле неколку:

·         Во кадровската структура и понатаму превладува високиот процент на немедицински кадар. Овој процент во 2009 година изнесува 24% што претставува зголемување за 1 процентен поен во однос на 2008 година.

·         Од обезбедените податоци преку ДСГ системот би го потенцирале податокот за искористеност на болничките капаците кој во 2009 година изнесува само 52,94%.

·         Во однос на приходите значително намалување има кај приходите по програми од Буџетот на РМ  кои во однос на 2008 година се намалени за 52,4%.

·         На страната на расходите би го истакнале зголемувањето на расходите за плати од 11,95%, а за сметка на тоа намалување на останатите расходи, како што е намалувањето на расходите за лекови и медицински материјали за 16,8%.

Како најзначаен и најзагрижувачки податок од финансиско – економското работење на ЈЗУ би го истакнале зголемувањето на обврските за 55,1% и зголемувањето на достасаните обврски (долгови) за 404,78% во однос на 31.12.2008 година.


Годишниот извештаj за работењето на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и анализа за економско-финансиското работење на Фондот и јавните здравствени установи можете да го преземете (тука)
 
пребарување